Во петок на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје ќе се одигра финалето на Купот на Македонија, во кое екипата на Силекс ќе го брани трофејот против екипата на Македонија Ѓ.П. Капитените и тренерите дадоа свое мислење во пресрет на финалето кое започнува во 18.00 часот.
„Сите знаат дека ние сме бранители што ја браниме титулата иако сме во Втората лига. Верувам дека секој што ќе игра ќе даде максимум на теренот. Го респектираме противникот и знаеме дека до крајот беа во трка за излез во Европа. Тие се фаворити бидејќи играат во елитата на локалниот фудбал. Тоа е трето финале и се надевам дека среќата ќе биде на наша страна“, изјави Горазд Михајлов, тренер на Силекс.
„Нè очекува финале против Силекс, каде што целосно заслуживме да ги елиминираме големите тимови и веруваме дека го заслужуваме Купот на Македонија. Силекс го почитуваме иако годинава доаѓа од Втората лига. Станува збор за силен тим, кој лесно ги надмина предизвиците на првенството. Тоа е прво финале за мене како тренер, се надевам дека ќе го освојам пехарот“, изјави Муарем Бајрами, тренер на Македонија Ѓ.П.
Свое мислење за петочниот натпревар дадоа и капитените на двете екипи.
„Ја респектираме екипата на Силекс и случајно се во финалето. Го имавме веројатно најтешкиот пат до финалето, но верувам дека ќе уживаме со нашите навивачи со освојувањето на Купот“, изјави Адем Ермедин, капитенот на Македонија Ѓ.П.
„Нашиот тим е 95 проценти нов тим во споредба со лани. Сите што ќе се појават во финалето ќе го дадат својот максимум. За мене е четврто финале, а се надевам на трет триумф“, изјави Даниел Божиновски, капитенот на Силекс.
Тренерите истакнаа дека играчите на двата тима тренирале и за изведување пенали.