Kако земја и како подрачје со 11,2 проценти заболени, влегуваме во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Потребни се системи на континуирано следење на гликемијата и нивна достапност за поголем број на пациенти, изјави денеска Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија на Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот – 14-ти Ноември, насловен „Што не сторивме против Дијабетесот?“, што денеска се одржа во Скопје.
Во рамки на настанот, Министерството за здравство и Сојузот на дијабетичари потпишаа Меморандум за соработка, а беа одбележани и јубилеите „Сто години инсулин“ и „20 години Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија“.
Велев истакна дека пред десетина години, не само кај нас, туку и во светот, речиси се урнати сите стереотипи, предупредувања и заблуди во врска со дијабетесот.
Проблемот на тие „шеќерашите“ стана јавен, се осозна дека дијабетесот не го бира овој или оној и конечно, луѓето почнаа да разбираат дека таа чума на модерното живеење опасно и интензивно се заканува. Впрочем, секој 14-ти ноември, преку осмислено детектирање и таргетирње на трендови во борбата против дијабетесот, глобално се наметнуваат суштински неопходни прашања и теми во обаа област. А како да биде поинаку кога денес во светот над половина милијарда луѓе живеат со дијабетес. Притоа, не занемарувајќи го фактот дека бројките и предикциите на нациоанлните и глобални преваленции за дијабетес се нималку розови, рече тој.
Според Велев, потребна е поголема едукација за дијабетесот, како и набавка на табеларната терапија глукомери, но не само за деца, туку и за возрасни.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека кога станува збор за пациент со дијабет, веќе не станува збор само за тоа како се третира дијабетот, туку секогаш мора да имаме предвид дека станува збор за начин на живот.
Тој истакна дека сега имаме три нови инсулини и два нови препарати што овозможуваат уште поголема контрола на гликемијата, а тоа се инсулини кои се и кардио протективни што го штитат срцето и крвните садови и сето тоа укажува како е зголемен квалитетот на животот.
Тоа што сега го правиме е постапката со цел првпат во земјава да се набават сензорите за мерење гликемија, а тоа значи наместо вообичаените боцкања како за земање крв и мерењето на шеќерот во крвта сега се ставаат специјални сензори на надлактицата и тоа се мери со електронска направа, што уште повеќе го зголемува квалитетот на живот на овие пациенти, пред се на децата, посочи тој.
Доц. Др. Саша Јовановска Мишевска, директор на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизамот, се осврна на стогодишнината од пронаоѓањето на инсулинот, кои, како што рече, се сто години прогрес, сто иновации, што ни овозможуваат денес да имаме една генерација на современи, модерни инсулини кои спасуваат животи.
Јовановска Мишевска потсети дека во последниве години е достапна и нова генерација инсулински аналози, со што се создадоа услови да се редуцира секојдневниот товар од третманот, нудејќи уште поголема флексибилност во времето на аплицирање на инсулинската доза, и помагајќи им на луѓето да постигнат ниско ниво на шеќер во крвта и да го намалат ризикот од зголемување на телесна тежина.
Како ендокринолози, се повеќе обрнуваме внимание и на кардиопротективниот ефект што го имаат лековите што ги ординираме во секојдневната пракса. Кога зборуваме за лицата со дијабетес, во ниеден момент не смеме да заборавиме дека тие не се осамени во предизвиците со кои се соочуваат. Тука е и семејстото кое сериозно се носи со товарот на ова хронично заболување на поединецот, посочи Јовановска Мишевска.
На Форумот се одржа и панел дискусија „Само заедно можеме и повеќе“ на која панелисти беа д-р Зоран Гучев од Клиниката за детски болести и д-р Ирфан Ахмети, претседател на Национална комисија за дијабетес.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.