Македонија има една од највисоките стапки во Европа на непланирана бременост кај адолесцентите, а најголем број малолетни мајки се Ромки, беше кажано денеска на дебатата „Колку се младите мајки, а особено Ромките, препознаени и услужени од системот на здравствена и социјална заштита“, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Стапката на непланирана бременост кај адолесцентите во земјава е 11 отсто. Стапката на малолетнички породувања е 15,7 на 1.000, што е речиси трипати повеќе од просекот од 6 на 1.000 породувања за земјите од Европската Унија. Најголем број меѓу малолетните мајки се Ромки, а сепак пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје им е ограничен.
Според истражувањето за влијанието на Ковид-19 врз пристапот на младите до информации за сексуалното и репродуктивното здравје, спроведено од младинската група во рамки на регионалниот проект „Младите зборуваат, младите одбираат“, дури 38 отсто од опфатените млади Роми се соочиле со тешкотии да дојдат до потребните информации за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ).
Младите од ранливите заедници за многу теми од СРЗ покажале двојно поголема потреба од информации за разлика од општата популација. За младите мајки и за бремените, што е и за очекување, прашањата за бременост, породувања и грижа по породувањето биле од најголем интерес, додека младите Роми најмногу се интересирале за заштита од гинеколошки инфекции, менструација или третирање на хормонални проблеми. Постоечката општествена стигма и дискриминација, но и немањето здравствена документација и осигурување придонеле кај Ромите да биде отежнат пристапот до СРЗ услуги. Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за Ковид-19 влијаеле врз нивната здравствена безбедност, посочуваат од ХЕРА.
Азиза Сали од Здружението „Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари“ ја илустрира сериозноста на проблемот преку двата случаи на починати родилки, кои поради немање гинеколог во Општината за време на пандемијата, немале можност да прават редовни гинеколошки прегледи.
Без пристап до матичен гинеколог во самата општина, девојките и жените не можеа ни да добијат потврда за контролирана бременост што создаде дополнителна пречка во остварувањето на социјалните права, вели Сара Сејфула од Центарот за социјална работа.
Искуството на д-р Ламбе Крстески, кој работи како матичен гинеколог во Шуто Оризари во изминатите шест месеци, покажува дека пристапот до гинеколог е исклучително важен во грижата за репродуктивното здравје, но и за целокупната добросостојба на жената.
Во моментот, кај мене се обраќаат 1000 Ромки. Досега се породени околу 15 Ромки, сите живи и здрави, информира тој.
Нада Тофоска, социјална работничка од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, се осврна на социјалните последици што ги носат малолетната бременост и мајчинство.
Поради бременоста, малолетните девојки и девојчиња го напуштаат образовниот процес, поради што подоцна ниско котираат на пазарот на трудот. Ова има долгорочни последици не само за нивната економска независност, туку и за нивното ментално здравје. Многу често тие се соочуваат со депресија, па и со физичко и сексуално насилство, што потоа драматично влијае и на нивниот однос кон децата, посочува Тофоска.
Панелистите заклучија дека јавно-здравствениот и граѓанскиот сектор треба многу попосветено да работат на информирање на Ромките во репродуктивен период за достапните услуги и за придобивките од редовното посетување гинеколог, вклучително и за мерките предвидени за ранливите групи на жени во Превентивните програми на Министерството за здравство.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.