Фото/ kfsm.mk
Кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Литванија 67:82 во третото коло од квалификациите за пласман на Европкото првенство. Ова е втор пораз на македонските кошаркари во овие квалификации со што значително се намалени шансите за пласман на континенталниот шампионат.
Првата четвртина, во која Македонија одигра катастрофално го одреди текот на целиот натпревар. Македонија постигна два поени во првите пет минути, четири за седум ипол минути игра. Во првиот период избраниците на Александар Јончевски уфрлија девет поени имаа седум загубени топки и само две асистенции.
Литванците ги искористија сите слабости на македонскиот тим, доминираа во офанзивниот скок и по првите десет минути имаа предност 9:23. Лошата игра на Македонија продолжи и во вториот период, Литванците дојдоа до најголемата предност (+25). На полувреме Литванија замина со предност од 17 поени.
Ништо не се смени и во првите пет минути од третата четвртина, Литванија рутински ја одржуваше предноста. Имаше Македонија еден добар период кога успеа да ја спушти предноста на 11 поени, но по тај-аутот на Куртинаитис, Литванија возврати со серија 0:11 или 4:14 до крајот на четвртината.
По исто сценарио се одвиваше последната четвртина, Литванците се одлепија на 20+, а во финишот Македонија намали на 11 разлика.
На крајот Литванија имаше 15 скоови повеќе (26-41) од нив 16 офанзивни, Македонија загуби 18, Литванците 15 топки, Литванија имаше 20 асистенции, наспрам 12 на Македонија која имаше повеќе украдени топки 13-10.
Најефикасен кај Македонија беше Кристијан Николов со 18 поени, Војдан Стојановски постигна 13.
Македонија за три дена ќе и гостува на Литванија, а во последните две рунди, во февруари, ќе гостува во Естонија и ќе ја пречека Полска.
Текстот Македонија загуби од Литванија, мали се шансите за пласман на ЕП е превземен од МАКФАКС.