Студијата покажува дека научниците од Косово и Македонија изразуваат поголема желба да се вратат во својата татковина и да имаат поголема доверба во државата.

Во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за образовната структура на мигрантите. Според процените на Светска Банка речиси 40 отсто од високообразовниот кадар од Македонија ја има напуштено државата, а на Индексот на одлив на мозоци на Глобал Економи земјата се најде на високото петто место од 41 европска земја – со 6,4 индексни поени.

Според Компаративната студија за научната дијаспора на Албанија, Косово и Македонија, овие три земји се соочуваат со огромен одлив на мозоци.

Во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од кога било. Причините за овој пораст се повеќеслојни – разлики во социо-економската развиеност и во нивото на животниот стандард меѓу одделни земји, општествено-економската трансформација на политичките системи во одредени земји, политичката нестабилност во одредени региони во светот и друго.

Авторите на студијата за Гласот на Америка велат дека оваа појава е пораспространета во Албанија и Косово, а помалку во Македонија.

Коавторот на студијата, Расел Кинг од Универзитетот во Сасекс во Обединетото Кралство, за Гласот на Америка изјави дека егзодусот на истражувачите е поголем во Албанија и Косово, а помал во Македонија, додека интересот за враќање по студирањето во странство е помал во Албанија, но нешто поголем во Косово и Македонија.

– Ова се одразува на големиот број луѓе кои работат и студираат во странство и малата заинтересираност на луѓе кои имаат намера да се вратат. Особено не сакаат да се вратат академици и научници, кои веќе работат во странство во академски институции и приватни компании. Тие се добро интегрирани таму и намерата да се вратат е доста ниска – вели Кинг.

Извор: Global Economy