Американската компанија „Вејмо“ објави дека нејзините такси без возачи ќе бидат достапни на улиците на Лондон од следната година, што ќе го направи британскиот главен град првиот европски град со целосно автономна такси услуга, пишува Гардијан.

Според соопштението на компанијата, возилата првично ќе работат со обучени возачи за безбедност, додека целосно автономното возење се очекува да започне во 2026 година, по добивањето на потребните дозволи од надлежните британски власти.

„Вејмо“, дел од групацијата „Алфабет“, која е сопственик и на „Гугл“, моментално нуди автономни такси услуги во Сан Франциско и неколку други американски градови. Компанијата наведува дека ќе соработува тесно со британското Министерство за транспорт за да обезбеди услови за безбедно воведување на технологијата.

Британската министерка за транспорт Хајди Александар ги поздрави плановите на американската компанија, истакнувајќи дека „автономните возила ќе придонесат за нови работни места, инвестиции и поголема достапност на транспортот“.

Целосна имплементација на Законот за автономни возила во Велика Британија се очекува кон крајот на 2027 година, додека слични проекти за Лондон најавија и „Убер“ и локалната компанија „Вејв“.

Фото: принтскрин

Текстот Лондон ќе добие такси без возачи следната година е превземен од МАКФАКС.