Велика Британија ќе води разговори со Франција и Саудиска Арабија за признавање на палестинската држава на конференција во јуни, која двете земји ја организираат за да го задржат политичкиот пат кон решение за две држави на Блискиот Исток, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Ова е првпат Обединетото Кралство јавно да потврди дека е во преговори со Франција за процесот на признавање на Палестина во контекст на претстојната конференција.

Британското и француското признавање на Палестина би испратило силна политичка порака, но таа се соочува со голем број дипломатски пречки, вклучувајќи ја потребата од поголема јасност околу француските предлози и прашањето дали признавањето може да биде дел од кредибилен процес кон решение со две држави, на што се противи Израел, пишува Гардијан.

Лами изјави пред Комитетот за меѓународни односи на Домот на лордовите дека Обединетото Кралство сака да го преземе тој чекор доколку има вистинско влијание на теренот, а не само симболично, додавајќи дека неговиот тажен заклучок е дека недамнешните признавања на Палестина немале ефект.

Потсетувајќи дека 160 земји веќе ја признаа Палестина, вклучувајќи ги неодамна Шпанија, Норвешка и Ирска, Лами рече: „Никој нема право на вето кога Обединетото Кралство ќе признае палестинска држава… Секогаш сме тврделе дека признавањето не е цел сама по себе и дека претпочитаме признавање како дел од процесот на две држави“.

„Претседателот Макрон зборуваше за тоа, последен пат заедно со Саудијците, и секако во моментов сме во разговори со нив“, додаде Лами.

Тој посочи дека во разговорите со Катар минатата недела, нагласил дека секое долгорочно решение ќе бара Хамас да не биде на власт во Газа и неговото раководство да го напушти регионот.

Тој прифати дека брзото проширување на населбите ја поткопува одржливоста на решението за две држави и го оцени нивото на насилство поврзано со населбите како „шокантно“. Минатата година, рече тој, на Западниот Брег биле изградени 59 нови диви населби, додека просекот за претходните 25 години бил седум.

Последните шпекулации за признавање на Палестина ги поттикна претседателот Емануел Макрон по неговото враќање од Египет на 9 април, кога рече дека Франција веројатно би можела да ја признае Палестина на конференција во јуни. Тоа ќе биде првпат членка на Г7 да ја признае Палестина.

Неколку дена подоцна, Макрон појасни дека потегот треба „да поттикне низа други признавања… вклучувајќи го и признавањето на Израел од страна на земјите кои во моментов не го признаваат“, што би можело да и дозволи на Франција да го повлече признавањето доколку не се постигне напредок.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потоа му се јави на Макрон и му кажа дека признавањето на Палестина ќе биде победа за Хамас и Иран.

Доналд Трамп треба да ја посети Саудиска Арабија овој месец, каде Ријад сигурно ќе му каже дека нормализацијата на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел не е можна без кредибилен пат кон решение со две држави.

Текстот Лондон и Париз разговараат за признавање на палестинската држава е превземен од МАКФАКС.