Инфективната клиника на Клиничкиот центар во Сараево во последните денови лекувала десет пациенти со симптоми што укажуваат на лептоспироза, пренесува Klix.ba од неофицијални извори.
Првите случаи се регистрирани во сараевската општина Нови Град, каде што граѓаните почнале да се јавуваат кај лекарите со висока температура, силен замор и покачени воспалителни и хепатални параметри. Неофицијално, болеста се проширила во овој дел од градот преку вода.
За да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата, во моментов се спроведува пролетна дератизација во општините Нови Град, Центар и Илиџа. Во исто време, се интензивирани контролите врз управителите на згради, пазарите и јавните површини.
Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодари. Инфекцијата се јавува кога бактериите влегуваат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).
Симптомите вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање, а во тешки случаи може да се појави оштетување на црниот дроб и бубрезите и воспаление на мозокот (менингитис). Нелекуваната лептоспироза може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Експертите советуваат да се избегнува контакт со потенцијално контаминирани површини, да се користи заштитна опрема во области со висок ризик и редовна контрола на штетници и хигиена.
Здравствените институции ги повикуваат граѓаните да обрнат внимание на можните симптоми и веднаш да се обратат на лекар доколку се сомневаат.
Текстот Лептоспироза во Сараево? Лекарите примиле десет пациенти со сомнителни симптоми е превземен од МАКФАКС.