Значителен број од пациентите по прележан Ковид-19 имаат потреба од физикална рехабилитација поради намалена физичка кондиција, отежнато дишење, продолжена болка, депресија, вознемиреност и намален квалитет на живот.
Ова го истакна асс. д-р Билјана Калчовска од Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во неделната онлајн дискусија која ја организираше Лекарската комора на тема „Рехабилитација на пациенти по прележан Ковид-19“. Настанот и оваа недела го модерираше претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова која истакна дека пост-ковид компликации се јавуваат на различни системи на човечкиот организам и дека тие бараат понатамошен стручен третман и лекување.
Асс. д-р Калчовска објасни дека рехабилитацискиот третман на пациентите со Ковид-19 е организиран во неколку фази. Во акутната фаза третманот се одвива во одделенијата за интензивна и пост-интензивна нега во ковид болниците. Тука со помош на физикалната терапија се оптимизира дишењето, се ослободува од прекумерниот секрет и се спречуваат и лекуваат компликациите. Во пост-акутната фаза која се одвива во болниците и одделите за рехабилитација се идентификуваат и менаџираат зафатените органи и се олеснува патот кон овозможување на нормално функционирање и извршување на секојдневните активности. Фазата на продолжено лекување се спроведува во домашни услови, каде физикалната рехабилитација помага за намалување на онеспособеноста, оптимизирање на функционирањето и подобрување на независноста и квалитетот на животот.
Планот за рехабилитација треба да биде индивидуализиран за секој пациент и треба да се спроведува во текот на целото лекување, започнувајќи од приемот на пациентот во болница, во текот на хоспитализацијата на ковид одделенијата, па се до неговото отпуштање од болница и насочување на пост-ковид рехабилитација. Планот за рехабилитација треба да биде прилагоден на состојбата и тежината на клиничката слика на пациентот, а посебно внимание треба да се обрне на постарите пациенти, пациентите со зголемена телесна тежина и оние со придружни коморбидитети. Интензитетот на вежбите треба да биде во согласност со нивната физичка сила и не треба да доведе до дополнително оптоварување на дишењето, зголемување на можноста за појава на респираторен дистрес, ниту пак да доведе до пад на сатурацијата на кислород во крвта.
Матичните лекари и специјалистите од различни специјалности треба секогаш да имаат предвид дека најголем дел од пациентите после прележана Ковид19 инфекција имаат потреба за рехабилитација. Специјалистите физијатри мораат и треба да преземат активности во насока за спроведување на пост-ковид рехабилитација во местата каде што работат. Најголем број од овие пациенти имаат компликации во текот на рехабилитацијата и мора да бидат под надзор од страна на лекар специјалист физијатар – истакна асс. д-р Билјана Калчовска.
Со третманот се постигнува активирање на мускулатурата и зајакнување на дишните мускули, зголемување на подвижноста на градниот кош, подобрување на проодноста на дишните патишта и продлабочување на дишењето, стимулирање на циркулацијата на крвта, урамнотежување на работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, како и спречување на хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам.
Во презентацијата асс. д-р Калчовска даде и фотографски приказ на вежбите кои може да ги прават пациентите, а во одговорите на прашањата потенцираше дека специфично е тоа што сите болни имаат различна клиничка слика, поради што и пристапот и третманот мора да биде индивидуален. Досега на клиниката се лекувале околу 150 пост-ковид пациенти, при што најголем дел од нив при прием биле кислородно зависни, додека при испис најголем дел дишеле самостојно и оспособени за враќање на нормалните секојдневни активности. Меѓу овие пациенти нема на детска возраст, бидејќи кај нив обично Ковид19 не прави поголеми компликации, но и во тој случај се препорачува недела до две да се избегнуваат поинтензивни физички активности.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.