Многумина очекуваа дуел на најдобрите две екипи во Франција во финалето, меѓутоа за титулата во Лига Купот ќе се борат екипите на Шамбери и на Нант, кои ги прескокнаа полуфиналните пречки на Ф4-турнирот наречени ПСЖ и Монпелје.
Како и секогаш кога ПСЖ игра на домашната сцена важи за огромен фаворит. Меѓутоа во мечот со Шамбери, играчите на Раул Гонзалез си создадоа голем проблем и доживеаја голем пораз кој ги остави без еден од домашните трофеи. По првиот дел ПСЖ губеше со три гола (13-16), кои Шамбери вешто ги бранеше во вториот дел.
Трита и Костоја беа најдобри кај Шамбери, голманот Портнер нанижа десет одбрани, додека кај ПСЖ најистакнат беше Микел Хансен со вкупно седум гола.
И капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров заедно со неговиот Нант ќе игра во финалето затоа што го победи Монпелје на гости (26-27) во луд натпревар. Овој натпревар беше крајно изедначен и драматичен и се решаваше во последните секунди. Монпелје имаше предност од 26-24, ама Нант даде три гола во низа за голем триумф.
Лазаров полуфиналниот натпревар го заврши со два гола од шест обида, но вреди да се напомене дека тој го постигна клучниот гол за победа од 26-27 на 18 секунди пред крајот. Најдобар беше Валеро Ривера со осум реализации, а кај Монпелје, Јанис Лене даде шест гола.