Млада жена е уапсена на Флорида под сомнение дека лажно се претставувала како медицинска сестра и лекувала речиси 4.500 пациенти, објавува Би-Би-Си. Полициската истрага е почната кога болницата го раскинала договорот со Отумн Бардис поради сомневања во нејзините квалификации.
Истражителите откриле дека 29-годишната жена давала медицински услуги на дури 4.486 пациенти помеѓу јуни 2024 и јануари 2025 година. „Ова е еден од највознемирувачките случаи на медицинска измама што некогаш сме ги истражувале“, рече шерифот на округот Флаглер, Рик Стали.
Бардис била вработена во болницата во Палм Коуст од јули 2023 до јануари 2025 година. Таа е обвинета за фалсификување лажни документи и користење број на лиценца што ѝ припаѓал на медицинска сестра со исто име, вработена во друга болница од истата здравствена установа.
Во јануари оваа година на Бардиса ѝ било понудено унапредување, но потоа колега ја пријавил кај властите откога било утврдено дека нејзината лиценца за медицинска сестра е истечена. Нејзиниот договор бил веднаш раскинат, а полицијата почнала седуммесечна кривична истрага.
Детективите добија налог за нејзино апсење по седум точки за практикување медицина без лиценца и седум точки за лажна употреба на лични податоци. Таа беше уапсена во својот дом на 5 август и носеше медицинска униформа во моментот на апсењето.
„Оваа жена потенцијално загрози илјадници животи преправајќи се дека е некој што не е и кршејќи ја довербата на пациентите, нивните семејства и на целата медицинска заедница“, додаде шерифот Стали. Бардис моментно е во притвор со кауција од 70.000 долари.
Текстот Лажна медицинска сестра на Флорида лекувала повеќе од 4.000 пациенти е превземен од МАКФАКС.