За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзината територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.

Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде четири украински региони на Русија, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за влез во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.

Украина бара руската армија целосно да се повлече од својата територија. Русија окупираше околу 20 проценти од Украина.

„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Неговиот украински колега Андриј Сибига брзо реагираше на тие изјави:

„Нова серија стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.

Тој додаде дека ова докажува дека „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.

„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.

 

 

Текстот Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии е превземен од МАКФАКС.