Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но прво мора да се решат некои прашања, вклучувајќи го и тоа дали украинскиот лидер има легитимитет за потпишување договор, изјави денес рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.

Путин и американскиот претседател Доналд Трамп се сретнаа минатата петок на Аљаска на првиот руско-американски самит во повеќе од четири години, и двајцата лидери разговараа за тоа како да се заврши војната во Украина.

На прашањето на новинарите дали Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, Лавров рече дека рускиот претседател повеќепати изјавил дека е подготвен да се сретнат.

„Нашиот претседател повеќепати изјави дека е подготвен да се сретне, вклучително и со Зеленски. Но, сите прашања кои бараат разгледување на највисоко ниво мора да бидат добро разработени, а стручњаците и министрите ќе подготват соодветни препораки.“

Лавров рече дека пред потпишување на идните договори треба да се „реши прашањето за легитимитетот на лицето кое ги потпишува тие договори од украинската страна“.

Путин повеќепати го изразил сомнежот во легитимитетот на Зеленски затоа што неговиот мандат требаше да заврши во мај 2024 година, но поради војната не беа одржани нови претседателски избори. Киев тврди дека Зеленски и понатаму е легитимен претседател.

Руски официјални лица велат дека се загрижени дека евентуален иден претседател, ако Зеленски потпише договор, би можел да го оспори тој документ со образложение дека мандатот на Зеленски технички е завршен.

Лавров исто така ги обвини европските лидери дека се обидуваат да го поткопаат напредокот постигнат на минатонеделниот самит САД-Русија на Аљаска за можен мировен договор во Украина.

Европските сојузници на Киев, според Русија, се обидуваат да го свртат вниманието од решавањето „на основните причини“ за војната, рече тој.

Тој повтори дека Русија е загрижена за начинот на кој се води европската дискусија за безбедносните гаранции за Украина без учество на Москва.

Лавров рече дека распоредувањето европски воен контингент во Украина би било неприфатливо за Москва.

„Странска интервенција на дел од украинската територија (…) би била целосно неприфатлива за Русија“, рече Лавров по разговорот со индискиот колега во Москва.

Лавров ја обвини Украина дека не сака праведно и трајно решение на конфликтот.

Текстот Лавров: Распоредувањето европски војници во Украина е неприфатливо е превземен од МАКФАКС.