Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, тврди дека Русија никогаш немала намера да ги заземе украинските територии, туку единствено сакала да го заштити рускиот народ.

„Сакам уште еднаш да нагласам дека никогаш не рековме дека треба да заземеме некои територии. Ниту Крим, ниту Донбас, ниту Новорусија (така Русите низ историјата нарекувале делови од денешните Одеска, Херсонска, Николаевска, Днипропетровска, Запорожска, Луганска и Доњецка област, а понекогаш и Крим) како територии никогаш не биле наша цел“, изјави Лавров во интервју за руската државна телевизија.

Лавров тврди дека Москва „секогаш сакала да го заштити рускиот народ кој стотици години живеел на овие територии“. Рече дека Украина за време на претседателството на Володимир Зеленски донела закони чија цел била уништување на правата на говорниците на рускиот јазик.

Изјавата доаѓа во време на засилени дипломатски активности. На 15 август се одржаа разговори помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Вашингтон на 18 август, Трамп изрази надеж за што побрзо организирање на американско-украинско-руски разговори.

Зеленски потврди дека се подготвуваат состаноци со Путин, по што би можел да следи и трипартитен состанок со Трамп. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека очекува Зеленски и Путин да се сретнат во наредните две недели, а агенцијата „Ројтерс“ јавува дека американската администрација смета дека состанокот би можел да се одржи во Унгарија.

Текстот Лавров: Ни Крим ни Донбас никогаш не биле наша цел е превземен од МАКФАКС.