По неуспешниот обид да слета во Белград, рускиот шеф на дипломатијата Лавров, обвини дека Западот ѝ се меша на Србија при изборот на партнери. Забраната за прелет на небото над Македонија, Бугарија и Црна Гора, Лавров ја оцени за скандал без преседан. Поради оваа одлука, му пропадна најавената посета на Србија.

Advertisements

„На една суверена држава ѝ е одземено правото да води надворешна политика. Ова е цинично“, изјави Лавров.

Критики пристигнаа и од Кремљ. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков кажа дека затворањето на воздушниот простор е непријателски акт.

Македонските власти информираат дека руското барање за специјален лет е одбиено, поради одлуката на Владата која е на сила од 27 февруари, за затворање на воздушниот простор за руски авиони.

„Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките што се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на Европската унија. Така што, во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман, во однос на одлуката која веќе е донесена, којашто е на сила и која останува на сила“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Србија е единствената земја во регионот која нема воведено санкции кон Русија. Според српските медиуми, на средбата со рускиот амбасадор, српскиот претседател Вучиќ изразил незадоволство за одлуката на соседните земји. Додека средбата траеше демонстранти во Белград се заблагодарија на Скопје, Софија и Подгорица, што ја спасиле, како што рекоа, Србија од „срам“.

Лука Андреев