Германските власти рано утринава ги предупредија жителите во регионот јужно од Берлин да не ги напуштаат своите домови бидејќи диво животно, за кое се верува дека е лавица, е забележана како се шета во југозападниот дел на германската престолнина.
Германските власти трагаат по животното со хеликоптери, а во во акцијата учествуваат и ветеринарни специјалисти и ловџии.
„Ве молиме, избегнувајте да ги напуштате домовите поради избегано диво животно во областа Клајнмахнов, Телтоу и Стансдорф и внесете ги и вашите миленици во домот. Нашите колеги ја проверуваат ситуацијата“, објави локалната полиција во четвртокот наутро, пренесе Си-ен-ен.
Полицијата соопшти дека ја добила пријавата од лица кои го забележале дивото животно во регионот Потсдам во предградието на Берлин. Во моментот кога била забележана, лавицата наводно нападнала дива свиња.