Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) со официјално соопштение објасни зошто викендов нема да започе плеј-офот во домашното првенство. Федерацијата се огласи со и изнесе интересни детали откако претходно судиите започнаа штрајк поради неисплатени долгови.

Од Федерацијата посочуваат дека не добиле ниту денар од Министерството за спорт и дека не биле исплатени програмските средства, ниту средствата од игрите на среќа.

„Кошаркарската Федерација на Македонија сака да ја информира јавноста за последните случувања во рамки на организација на натпреварите во сите лиги, а во врска со одлуката на Судиската Комисија при КФСМ и нејзините членови – судиите за бојкотирање на натпреварувањата во сите категории поради неисплатени средства.

Раководството на Кошаркарската Федерација изминатата седмица одржа два состанока со претставници од Судиската Комисија. На последниот состанок, Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ предложи да се подмират 50 % од тековните долгови кон судиите и натпреварувањата во сите категории, сениорски и младински, машка и женска конкуренција, да продолжат да се одвиваат непречено како и досега. Навидум, се постигна договор и зачудувачки е како после тој постигнат консензус, се промени ставот на Судиската Комисија со изговор дека доколку дојде до промена на раководните структури тие долгови би останале неподмирени што е комплетен апсурд.

Од страна на Судиската Комисија се побара комлетно подмирување, а не етапно како што впрочем секогаш била праксата. Во сите изминати сезони досега темпото на подмирување секогаш било исто како и оваа натпреварувачка сезона. Од страна на Кошаркарската Федерација беа извршени напори за пронаоѓање на дополнителни средства за исплата, беше даден предлог со конкретен план на исплата, но, повторно членовите на Судиската Комисија не беа задоволни и одлучија, ненадејно, да го променат својот став.

За реализација на дејностите, целите и задачите Кошаркарската Федерација, како институција се финансира од соодветен државен орган – Министерство за спорт, од котизации за учество во лигите и од спонзорски договори.
Од Министерството за спорт, Кошаркарската Федерација нема добиено никаков финансиски стимул освен субвенциите (ваучерот) кон крајот на минатата календарска година, којшто всушност беше за претходната година. Не се исплатени ниту програмските средства, ниту пак средствата од игри на среќа. Дел од одредени кошаркарски клубови чијшто долг кон Федерацијата продолжува да се зголемува добија никаква или делумна финансиска помош поради ‘одредени критериуми’, а дел од клубовите кои добија повеќе средства пак, ги добија со инструкции да не ги подмируваат своите долгови.

Ова се однесува на клубовите од Првата лига мажи за кои по долги години, КФСМ обезбеди спонзор со кој се олесни функционирањето на клубовите за тековната натпреварувачка сезона односно комплетно се отстрани финансиската обврска за котизација за учество во лигата. Единствена нивна финансиска обврска којашто останува се лиценците за странски играчи и евентуалните казни по билтен. Доколку сите клубови ги добијат средствата кои им следуваат од соодветните државни органи, тогаш ќе можат да ги покријат своите финансиски долгувања од тековната натпреварувачка сезона кон Федерацијата со кои ќе се докомплетира исплатата на сите долгови. Раководството на Федерацијата имаше разбирање кон ваквите клубови, но злоупотребата на довербата придонесе за кулминација со бојкот на натпреварувањата.

Кошаркарската Федерација останува на ставот дека сè додека сите клубови не ги подмират своите финансиски долгувања нема да продолжи натпреварувачката сезона.

Јавноста и понатаму ќе биде транспарентно известувана за одредени настани кои се случија во изминатиот период, со дополнителни докази и факти“, се вели во соопштението на КФСМ.

Текстот КФСМ: Додека клубовите не си ги намират договите, кошарка нема да се игра е превземен од МАКФАКС.