Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека неговиот став во однос на договорот за нормализација на односите со Косово не е променет „ни за една точка“ и повтори дека Белград нема да ги спроведе деловите од договорот поврзани со членството на Косово во Обединетите Нации.
„Нема разговори за членство во Обединетите нации и нема никакво признавање. Се друго што значи вистинска нормализација на односите, без тензии и без конфликти, Србија ќе го спроведе“, рече Вучиќ.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека меѓународните фактори треба да ја „осудат“ Србија, која, според него, одбила да го потпише анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу двете држави.
„Другата страна не може вака да зборува против членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Обединетите нации, не може да зборува за тоа како никогаш нема да го признае Косово, со оглед на тоа дека Основниот договор е де факто признавање. Веќе го договоривме и Основниот договор и планот за имплементација. За нас ова е договор, но очекувам меѓународните фактори да го проценат и осудат однесувањето на Србија, која кога се одржуваат состаноци вели „не потпишувам“, и меѓу средбите вели „ништо не спроведувам“, рече Курти.
Американскиот пратеник Габриел Ескобар вчера изјави дека двете земји треба веднаш да започнат со спроведување на Договорот за нормализација на односите. Тој рече дека договорот постигнат во Охрид е правно обврзувачки, и ќе биде дел од европскиот пат на двете држави.
Шкелзен Аќифи