Премиерот на Косово, Албин Курти е подготвен за билатерална соработка меѓу земјите од регионот, но кога станува збор за заеднички иницијативи, како што е Отворен Балкан, не мисли дека е добра идеја, уште повеќе биејќи, како што рече, во таа иницијатива ја нема ЕУ. Во рамки на денешниот самит Економист, се сретна со премиерот Зоран Заев, но рече дека колегата од Скопје не ја отворил темата Отворен Балкан.
„Не ја зедовме предвид таа тема, ние веруваме во Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар кој е дел од Берлинскиот процес. Мислиме дека иницијативи кои во себе ја немаат ЕУ, не можат да бидат безбедни, стабилни и корисни, затоа повеќе ја истакнуваме потребата за билатерална соработка во Берлинскиот процес. Од друга страна, и како политичка ориентација, но и културен сензибилитет, јас не им припаѓам на оние политичари кои веруваат во тоа дека Балканот е доволен сам на себе“, истакна Албин Курти.
Балканскиот Мини Шенген кој потоа го доби името Отворен Балкан е иницијатива за создавање олеснителни околности меѓу 6 земји од Западен Балкан, особено за слободно движење на луѓето, стоките и капиталот, но во моментов дел од иницијативата се само Северна Македонија, Албанија и Србија.