Парма го реши проблемот со главниот тренер и за нов тренер назначи романски стручњак.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, финализирани се преговорите меѓу управата на клубот и 44-годишниот Крстијан Киву. Романецот доаѓа на местото на Фабио Пекија.

Парма е во серија од седум натпревари без победа во Серија А и падна во зоната за испаѓање.

Раководството на Парма првично беше заинтересирано за Игор Тудор, но сепак го избра Киву, чие тренерско искуство досега беше ограничено само на младинските тимови на Интер, со кои работеше од 2018 година до минатото лето.

Според пишувањата на медиумите, Киву во понеделникот вечерта пристигнал во Парма на разговори со раководството на клубот.

Парма нема победа во Серија А од декември, по 25 кола има 20 бода на 18. место и заостанува еден бод зад Емполи, кој е на 17. место.

Киву ја започна кариерата во родната Романија, а играше за Ајакс, Рома и Интер, каде ја заврши кариерата во 2014 година.

Играше за романските млади селекции, а за А тимот од 1999 до 2011 година одигра 75 натпревари и постигна три гола.

Текстот Крстијан Киву ја презеде Парма е превземен од МАКФАКС.