Пред почетокот на голема конференција под наслов „Украина – две години хероизам“ в понеделник, 26 февруари, во Музејот на македонската борба за независност, организирана од Амбасадата на Украина, во соработка со македонската граѓанска организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, ЦИВИЛ Медиа имаше кратко интервју со Игор Криволапов од украинската НВО „The Game Changer“, креатор на проектот „Војна преку ВР“, со кој ги пренесува одблиску искуствата на Украинците во војната до луѓето низ светот.
Криволапов на почетокот се заблагодари на Владата и луѓето од Северна Македонија за поддршката што и ја даваат на Украина.
Причината поради која е во Скопје, како што посочи Криволапов, е Конференцијата по повод две години херојски отпор на Украинците на руската агресија, каде преку проектот „Војна во Виртуелна реалност“, со употреба на модерна технологија создадена од НВО Game changer, каде што Криволапов е претседател на бордот, ќе ги пренесе чувствата на Украинците кои ги имаат во најголемата војна досега во 21 век, на начин многу поразличен од читањето вести и гледањето видеа на оддалеченост од илјадници километри.
Проектот, како што кажа Криволапов е поддржан од министерството за надворешни работи на Украина и претседателот Володимир Зеленски.
Криволапов истакна дека повеќе од 20 претседатели и лидери ширум светот веќе го почувствувале ова искуство, и станале свесни и инспирирани од него.
Само 3 минути во кои беа дел од него им помогнаа да бидат дел од војната во нејзиниот епицентар, рече Криволапов и додаде: Мораме да ги пренесеме овие чувства до сите луѓе на светот, за да разберат дека мора да сторат сé да ја запрат оваа војна, и да ги запрат големите војни во иднина.
Тој ги повика сите кои ќе дојдат на утрешната конференциај да го почувствуваат и споделат ова искуство, со што ќе им стане појасно што се случува во моментов во Украина.
Настанот „Украина – две години хероизам“ ќе биде пренесуван во живо на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на Фејбук профилот и Јутуб видео каналот на организацијата.
Драган Мишев
Камера и монтажа: Ариан Мехмети