Крвава статистика: Бројот на загинати во војната во Газа надмина 40.000 луѓе; војната предизвика апокалиптични размери на деструкција и неизмерно страдање на изгладнетото население

Здравствените власти во Газа соопштија дека бројот на загинати надмина 40.000 луѓе. Во меѓувреме, Израел го засили своето де факто заземање на палестинската земја на Западниот Брег, објави Вашингтон Пост.

Статистиките за Газа се мрачни и крвави самите по себе: 40.000 убиени Палестинци во 10-месечната војна во Газа.

Оваа војна ја карактеризираат и запрепастувачки, апокалиптични размери на уништување, последица од деноноќното немилосрдно бомбардирање на израелската воена авијација, дронови и артилерија. Секојдневно, целото население е подложено на неизмерно страдање, глад и болести. Никој не е безбеден, никаде нема засолниште од бомбардирањето и жестоките воени операции на копно.

Статистиката ја води министерството за здравство во Газа што често се става под знак прашање, особено затоа што во бројот на загинати не се прави разлика меѓу цивилите и борците на Хамас. По почетокот на војната на 7 октомври минатата година, кога во терористички напад на Хамас загинаа најмалку 1.200 израелски цивили и разорниот поход на израелската армија на Газа, беше сосема јасно дека независната проверка на фактите е невозможна. Од една страна, некои извори тврдат дека бројот на загинати е дури и повисок, додека Израел често ги минимизира бројките. Но бројот на огромен број загинати цивили, меѓу кои најголем дел се жени и деца, едноставно, не може да се негира.

Ако бројот на загинати според властите во Газа е 40.000, а Израел претходно објави дека нејзината армија убила 14.000 припадници на Хамас, за потоа (без објаснување) да ја искачи бројката на 17.000, останува едноставната пресметка дека во Газа загинале меѓу 23 и 27 илјади цивили. Ако им се верува на статистиките на двете страни, се разбира.

Повеќе извори во западните медиуми, организации и институции што ги следат воените судири, од претходните конфликти во Газа имаат искуство дека бројот на жртви што го пријавува локалното министерство за здравство е во голема мера прецизен.

Подготви: Џ. Дерала