Едно лице е убиено, а десет се ранети во пукање што се случило рано во понеделникот во Атланта, потврди локалната полиција. До престрелката дошло во популарна четврт позната по ноќниот живот, а инцидентот се случил по викенд обележан со бран вооружено насилство.
Полицијата примила дојава за пукање околу 1:30 по полноќ на улицата Еџвуд, во четвртта Свиит Оборн. На местото на настанот биле затекнати 11 застрелани лица, од кои едно, 27-годишен маж, починало на самото место. Неговиот идентитет сè уште не е објавен. Останатите жртви, на возраст од 18 до 29 години, биле пренесени во болница.
Според зборовите на шефот на полицијата, Дарин Ширбаум, еден 18-годишник е во критична состојба, а уште едно лице било оперирано. Се верува дека трагичниот настан бил предизвикан од бизарна расправија околу паркинг место. Полицијата интензивно трага по тројца мажи и една жена, за кои се сомнева дека го започнале конфликтот, и ги повикува граѓаните да споделат корисни информации.
На местото на инцидентот било пронајдено огнено оружје и 34 чаури. Иако точниот мотив сè уште се утврдува, полицијата засега не се сомнева на поврзаност со банди и верува дека поголемиот дел од жртвите биле случајни минувачи.
Ширбаум истакна дека овој инцидент е дел од црн викенд кој го зафати градот, во кој во 12 насилни инциденти биле повредени вкупно 29 лица, а две починале. Останатите инциденти вклучувале семејно насилство и конфликти поради блокирање на возила.
Текстот Крвава расправија за паркинг во Атланта: Еден загинат, десет ранети е превземен од МАКФАКС.