Дефанзивецот на Челзи, Весли Фофана, најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на тетивата, изјави во петокот тренерот Енцо Мареска.
Фофана мина низ пеколот на повредите кога ја пропушти целата сезона 2023/24, поради операција на предните вкрстени лигаменти во претсезоната, но одлично ја започна новата сезона и беше столбот на одбраната на Мареска.
24-годишниот фудбалер го започна секој натпревар на Челзи пред да се повреди против Астон Вила минатиот месец.
„За жал, Вес ќе биде надвор од теренот уште долго време“, изјави Мареска пред утрешниот натпревар со Кристал Палас.
Челзи беше на второто место на почетокот на декември, давајќи им надеж на своите навивачи дека ќе се вклучи во борбата за титулата, но еден месец подоцна е четврти, со 10 бода помалку од лидерот Ливерпул, кој има натпревар помалку.
Фофана пристигна од Лестер Сити во Челзи во летото 2022 година во трансфер вреден 80,4 милиони евра. Тој потпиша седумгодишен договор со сините, а неговиот трансфер е четврти најскап во историјата на клубот.
Само Енцо Фернандез (121 милион), Мојсес Каиседо (116) и Ромелу Лукаку (113) се платени повеќе од него.
Текстот Крај на сезоната за еден од најскапите играчи во историјата на Челзи е превземен од МАКФАКС.