Повеќе од 260 украински војници, од кои многумина ранети, се евакуирани од фабриката за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол. Со ова, Русија ја презема контролата врз градот по 82 дена бомбардирање и тешки битки. Заменик-министерката за одбрана на Украина изјави дека 53 тешко повредени војници биле евакуирани во градот Новоазовск, кој е под руска контрола, а повеќе од 200 други пренесени преку коридор до Оленивка.
„За жал, немаме можност да го деблокираме Азовстал на воен начин. Најважната задача на Украина и на целиот свет е да ги спасат животите на бранителите на Мариупол“, изјави Хана Малиар, заменик министер за одбрана на Украина
„Сакам да нагласам дека на Украина, украинските херои ѝ се потребни живи…“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Руското Министерство за одбрана објави снимка од украинските војници. Некои се во автобус, а други на носилки.
„Вчера започна предавањето на милитантите на националистичката единица Азов, заробени во фабриката Азовстал во Мариупол“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана
Како што пренесува skynews, руски пратеник кој учествувал во мировните преговори изјавил дека Русија треба да размисли за смртна казна за, како што ги нарече, националистичките борци од украинскиот режим Азов. Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак пак, искоментира дека бранителите на Мариупол го промениле текот на војната со тоа што се спротивставиле 82 дена и со тоа ја запреле операцијата на Русија за заземање територии на истокот и југот на земјата. Но, денеска руската војска повторно ја гаѓаше градската болница во Северодоњецк во областа Луганск, при што загинаа 10 лица. Украинската војска тврди дека Русија ја продолжува офанзивата на истокот. Напади и загинати имало и во градот Чернихив. /Аслат.мк
Шкелзен Аќифи