Косовското Собрание денеска изгласа резолуција за осуда на терористичките напади врз косовската полиција на 24 септември во Бањска, Звечан. За гласаа 97 пратеници, без ниту едне против или воздржан. Во документот се поздравува соработката на косовската полиција со европската мисија за владеење на правото и со НАТО. Премиерот Албин Курти повика Србија да биде казнета од страна на меѓународниот фактор.

„За овој акт на агресија врз Косово Србија треба да биде санкционирана и казнета од меѓународната заедница. Ако остане неказнета, ќе го повтори злосторството. Военото вооружување и борбената обука што ја имаа српските професионалци кои нападнаа во Бањска во неделата, се од Србија“, вели Курти.

Во меѓувреме, претседателот на опозицискиот Демократски Сојуз на Косово, рече дека целта на терористичкиот напад бил да се создаде нова реалност на северот. Според него, одговорот на косовските власти бил сосема адекватен.

„Како одговор на овој напад, нашите безбедносни институции обезбедија најадекватен можен одговор. Во координација со сојузниците и со највисок можен професионализам, неделата која започна со трагедија, се претвори во ден на триумф на правото врз теророт“, рече Љумир Абдиџику, претседател на ДСК.

Од друга страна, претседателот на Демократската Партија на Косово, повика на меѓународна истрага за да се докаже вмешаноста на Србија во нападот.

„…Сите го знаеме тоа и убедени сме, но сакаме и меѓународната заедница да биде убедена со факти. Бидејќи без да се открие целосната вистина за овој случај, Србија не може да биде доверлива страна во кој било процес што води напред“, вели Мемли Красниќи, претседател на ДПК.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, истакна дека развојот на настаните во Косово тргнал во погрешна насока, а виновник за тоа е премиерот Албин Курти.

„Доколку Курти, Османи и Коњуфца го избереа Вашингтон две години порано, навреме ќе го имавме договорот за признавање со Србија. Доколку го прифатеше планот на Американците за табличките на северот, а не на Борел и Лајчак, туку на Американците, на секретарот Блинкен, ќе имавме интегриран север и немаше да се соочиме со терористите“, рече Рамуш Харадинај, претседател на АИК.

При нападот загина косовскиот полицаец Африм Буњаку. При акцијата на косовските сили која следуваше потоа беа убиени 4 терористи. Терористичкиот напад го осудија САД и Европската унија и повикаа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

Алсат