Ден по посетата на премиерот на Косово Албин Курти, кој изрази интерес за што поскоро отпочнување на проектот за изградба на патот Тетово-Призрен, нема реакција од домашните институции. Директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, за Алсат телефонски изјави дека е во странство, а не добивме ниту писмен одговор на поставените прашања. Сакавме да знаеме кога ќе започне реализацијата на овој проект, колку се очекува да ја чини државата, дали доцни почетокот на работите и кои би можеле да бидат евентуалните пречки кои би можеле да ја одложат реализацијата?
Премиерот Курти и косовскиот заменик-министер за инфраструктура вчера при посетата на Тетово, порачаа дека овој пат е меѓу приоритетите на Косово.
„Варијантата што ја избравме е онаа со тунел од 6,4 километри. Причината беше овој пат да може да функционира и во зимски услови кога има обилни врнежи од снег. Затоа ја избравме варијантата со долг тунел, но на најниска надморска височина“, рече Хисен Дурмиши, заменик-министер за инфраструктура, Косово.
„Чинењето на овој пат кој е од големо меѓудржавно, национално, регионално и европско значење изнесува околу 200 милиони евра. Три четвртини за тунелот, а останатите за патиштата од двете страни кои го поврзуваат Тетово со Призрен. Значи, тоа не е толку висока цена, а користа е огромна и неизмерна“, рече Курти.
Курти ги повика институциите во земјава да не доцнат со проектот.
„Затоа, доцнењата за ова инфраструктурна делница се неразумни и штетни. Барам помош од сите вас, од секој што сте тука и што нѐ следите, сега или подоцна, заеднички да се мобилизираме и да се активираме за да не се губи ниту еден ден без да работиме на оваа патна делница што го поврзува Призрен со Тетово“, рече Курти.
Патниот правец е договор меѓу двете влади потпишан од поранешниот премиер Зоран Заев, а подоцна продолжен од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.
За овој пат за последен пат јавно говореше министерот за транспорт Благој Бочварски, кој не даде надеж за брза реализација. Според него, постапката за изградба на овие проекти е долга, но не даде конкретни рокови. Во меѓувреме и покрај многуте ветувања и рокови, главниот и најфреквентен пат што ја поврзува Македонија со Косово, Блаце-Скопје, останува недовршен. Надлежните повеќе од една година не можат да ги завршат ниту првите два километра.
Фатлуме Дервиши