Во Косово Централната изборна комисија сè уште е во процес на верификување на собраните потписи на петицијата организирана во доминантно српските општини Северна Митровица, Звечани, Лепосавиќ и Зубин Поток за разрешување на актуелните градоначалници Албанци. Од комисијата велат дека за процесот ќе треба време. Пратеникот на Самоопределување, Аднан Рустеми, вели дека новите избори на северот може да се одржат само доколку се постигне квотата од 50 отсто плус еден глас на граѓаните за смена на градоначалникот.
„Доколку 50% плус еден од избирачкото тело на овие општини излезат и гласаат, тогаш се создаваат околности за распишување на предвремени избори за градоначалници во четирите северни општини, а потоа е одговорност на претседателот да ги распише. Не можеме да зборуваме за рокови бидејќи за нив е потребно време и зависи каква динамика се следи“, рече Аднан Рустеми, Самоопределување.
Поранешниот претседател на Централната изборна комисија, Мазлум Баралиу пак, вели дека доколку не се дојде до квотата од 50 отсто плус еден глас, процесот ќе пропадне.
„Сега во Централната изборна комисија е во тек процедурата за проверка на потписите. Тоа е важен период каде потписите на секој граѓанин мора прецизно да се утврдат и проверат за да бидат 20%. Овој процес трае одредено време и потоа се врши гласање на избирачкото тело за да се добијат 50% плус еден. Доколку тоа е успешно во четирите општини, тогаш според Законот за избори, претседателот мора да ги распише изборите во рок од 30 дена или 45 дена. Очекувано и видено, ќе бидат потребни неколку месеци за да се завршат овие информативни формалности дали ќе биде успешно или не. Доколку иницијативата не биде успешна, тогаш една година нема можност според административните упатства да се поведе нова иницијатива“, изјави Мазлум Баралиу, поранешен претседател на ЦИК.
Градоначалниците Албанци во општините на северот на Косово беа избрани во април 2023 година на избори кои Србите ги бојкотираа во знак на незадоволство од политиката на Владата на Косово.