Скопје ова лето ќе биде домаќин на еден навистина посебен музички настан. Во недела, на 6 јули, историскиот двор на Сули ан ќе се претвори во магична сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.
Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
„Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент.
Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места.
Текстот Концерт на оркестарот на институтот „Фејмс“ со врвниот Емилио Перцан во Сули Ан е превземен од МАКФАКС.