Во рамките на Велешко културно лето, љубителите на класичната и етно музиката ќе имаат ретка можност да уживаат во концертот „Балканско патување“ – уникатен проект на Пламенка Трајковска гудачкиот квартет. Концертот ќе се реализира на 24 јули (четврток) во 21.00 часот во паркот на ООУ,,Васил Главинов“.

На концертот покрај Пламенка Трајковска ќе настапат и Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска на виолончело.

„Балканско патување“ е музички проект кој веќе доби внимание на фестивали во регионот, градејќи богата концертна историја со секое ново издание. Проектот претставува спој на високо изведувачко ниво и културна мисија – да се зачува и пренесе балканската музичка традиција преку современ камерно-музички пристап.

Програмата нуди нов музички поглед кон балканското културно наследство, преку внимателно избрани аранжмани за гудачки состав кои ја оживуваат душата на традиционалните мелодии од:Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Секое дело има своја приказна – звучно и визуелно патување низ регионот, со спој на фолклорна сила и камерна елеганција.

По настапите во Софија и на престижниот фестивал „Soleil“ во Созопол во Бугарија, концертот на фестивалот „Есенски музички свечености“ во Скопје и концертот на „Илинденски денови“ во Битола, „Балканско патување“ пристигнува и пред велешката публика.

Првиот сингл од албумот „Балканско патување“ – „Балканска песна бр.11“ работена на македонската песна Билјана платно белеше е веќе достапен на Spotify, iTunes и другите најголеми онлајн платформи. Видео записот ќе биде промовиран на 2 август, по повод празникот Илинден.

Концертот се реализира со поддршка од Општина Велес, во рамките на програмата на Велешко културно лето 2025.

Текстот Концерт на Велешко културно лето 2025 – „Балканско патување“ со Пламенка Трајковска гудачкиот квартет е превземен од МАКФАКС.