Околу 80 земји и меѓународни организации ќе се состанат во четврток на 9 ноември во Париз за да го координираат испраќањето помош и да проценат како да им се помогне на ранетите на палестинската територија Газа, но доколку не дојде до прекин на борбите, не се очекуваат конкретни резултати.
Франција му понуди поддршка на Израел по смртоносниот напад на милитантната група Хамас на 7 октомври, но одмаздничките бомбардирања на Израел предизвикаа загриженост поради големиот пораст на цивилните жртви.
Илјадници луѓе во Газа се убиени, ранети или раселени. Не е тајна дека денес во Газа пристапот до основните потреби, лекови, вода и така натаму е тежок… Затоа, целта е да се работи со сите учесници, а исто така и со Израел, да се обезбеди подобрен пристап“, изјави претставник на францускиот претседател пред новинарите.
На состанокот ќе присуствува палестинскиот премиер Мохамад Штајех.
Израел не е поканет, информира Ројтерс.
Француските власти соопштија дека го информираат Тел Авив за развојот на настаните.
Конференцијата ги обединува регионалните актери како Египет, Јордан и арапските земји од Персискиот залив, како и западните земји и членки на групата Г20, со исклучок на Русија.
На настанот ќе присуствуваат и меѓународни институции и невладини организации кои работат во Газа, како што се „Лекари без граници“.