Kонфузијата предизвикана пред се од недостатокот на цврсти докази од руската страна, како и од лавината обвинувања и контраобвинувања од двете страни околу уривањето на рускиот воен авион Ил – 76 во рускиот регион Белгород во близина на украинската граница и наводното загинување на десетици украински воени заробеници, продолжува да ја бранува јавноста и неколку дена по настанот.
Како што објави вчера ЦИВИЛ МЕДИА, неизнесувањето конкретни докази за тврдењето на Москва дека Украина го соборила авион, сугерира дека е сосема можно, како и многу пати досега, да се работи за руска пропаганда и провокација.
По излегување во јавноста на информациите дека само пет тела биле донесени во мртовечницата во Белгород по мистериозната авионска несреќа на рускиот Ил-76, и дека не кои украински заробеници кои наводно биле во авионот веќе биле разменети претходно, се појавија и информации за, во најмала рака, сомнителни активности на руската Федералната служба за безбедност (ФСБ), кога на високи руски функционери кои требало да бидат на летот, не им било дозволено да се качит во авионот непосредно пред полетувањето.
Во авионот Ил-76 што се урна во Белогородската област на 24 јануари, требаше да има високи руски функционери, но Федералната служба за безбедност (ФСБ) не им дозволи да се качат во „последниот момент“, изјави Андриј Јусов, портпаролот на военото разузнавање на Украина за РСЕ.
Според Јусов, украинското разузнавање располага со информации дека во авионот требало да има неколку високи руски воени и политички функционери, но наместо тоа, ФСБ им кажала да користат други начини на транспорт.
Јусов рече дека оваа информација им станала позната на украинските разузнавачи по падот на авионот.
По несреќата, ФСБ и руската војска не им дозволија на итните работници да го прегледаат местото на несреќата според протоколот, рече Јусов.
Според Јусов, пет тела биле испратени во локалната мртовечница во Белгород, а на видеата од местото на несреќата не се видливи човечки останки.
Москва и Кијив дадоа спротивставени извештаи за тоа како Иљушин Ил-76 беше соборен во средата во рускиот регион Белгород, во близина на границата со Украина. Москва вели дека авионот превезувал украински воени заробеници, додека Кијив вели дека носел руски ракети кои ќе се користат во понатамошни напади врз Украина.
Главниот народен правобранител Дмитро Лубинец, исто така, на 25 јануари изјави дека фотографиите и видеата од страницата не укажуваат на „никакви знаци дека имало толку голем број луѓе во авионот“.
„Јас не сум експерт, но ако имаше дури и фотографии и видеа од нашите воени заробеници, (Русија) веќе ќе ги објавише“, рече Лубинец, мислејќи на фотографските докази на местото на несреќата.
Јусов рече дека имињата на високите функционери кои требаше да бидат на авионот „се познати и ќе бидат откриени“, бидејќи Украина има намера да ги достави своите наоди на меѓународните истражители.
Лубинец рече дека ќе се обрати до ОН и до Меѓународниот комитет на Црвениот крст за помош за да дознаеме што се случило, по најавата на претседателот Володимир Зеленски вечерта на 24 јануари дека Украина ќе инсистира на меѓународна истрага за несреќата.
Според одредени експерти, видеата од авионот како удира во земјата покажуваат огромна експлозија која ја надминува секоја што би била предизвикана од авионското гориво од резервоарите, што сугерира дека е очигледно дека овој руски воен транспортен авион носел експлозив. Потенцијалната опасност за високите руски функционери би можела да биде причина што тие биле симнати од авионот.
Драган Мишев