Државата засега не знае колку ќе чини ОБСЕ-конференција која кон крајот на месецов ќе се одржи во Скопје. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека пресек на трошоците ќе се прави откако конференцијата ќе заврши. Од она што е познато е дека фирмата донатор на ДУИ, Еуровиа веќе доби 1,7 милиони евра за адаптација на салата „Борис Трајковски“, но реакции во јавноста предизвика и тендерот за изнајмување на возила кои ќе се користат од делегациите на Конференцијата. Оваа јавна набавка тежи 960 илјади евра, но Османи образложи дека нема сите предвидени средства да се потрошат. Договорот со фирмата бил рамковен договор, па така ќе се плати само за возилата кое ќе се изнајмат.
„Во договорот јасно стои дека Министерството нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба“, рече Османи.
МНР договорот го постигна за вкупно 175 возила. Сепак, реакции предизвика фактот што одреден автомобил ќе биде изнајмуван и за 500 евра на ден, иако цената на пазарот за ова возило е околу 300 евра. Османи појанува дека цената ја диктирал единствениот понудувач на набавката.
„За жал имаше една понуда. Зошто имаше една понуда ќе треба да ги прашате рент-а-кар агенциите. Дали не можеле да обезбедат толкав број на возила од тие марки, со таа боја во државата или во регионот или пак немале интерес тоа да го направат“, вели Османи.
Конференција ќе се одржи на 30 ноември и први декември годинава, а се очекува да пристигнат околу 70 делегации, со вкупно илјада членови. На прашањето дали ОБСЕ може да згасне токму во Скопје, Османи одговори дека ваква теоретска можност постои, но не верува дека земјите-членки на ОБСЕ ќе го дозволат тоа. Причина за ова е можноста да не биде избран нов претседавач за наредната година, откако Русија постави вето за Естонија. Министерот кажа дека интерес да присуствува на конференцијата во Скопје изразил и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, но не се знае како би се организирал неговиот превоз, со оглед на забраната на руски летови во нашиот воздушен простор.
Лука Андреев