По средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс во Белата куќа, сè погласни се повиците на некои сојузници на Трамп, Зеленски да поднесе оставка.
Зеленски постојано изјавува дека би бил подготвен да се повлече доколку тоа би обезбедило мир или влез на Украина во НАТО, а изборите во Украина во моментот се неостварливи поради воената состојба, иако мандатот на Зеленски е истечен. Американците, пријателски настроени кон Трамп, од друга страна, сметаат дека тоа ќе го отвори патот за мировен договор меѓу Украина и Русија.
Трамп пред две недели упати низа остри критики кон Зеленски нарекувајќи го диктатор затоа што Украина не одржува избори или ги планира среде војна. Дополнително, тој му кажа дека не може да очекува големи територијални отстапки од мировните преговори со Русија, особено откако САД и Русија преговараа за Украина без украински претставници, анализираат медиумите.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам рече дека Украина можеби ќе треба да најде нов лидер доколку Зеленски не успее да ги поправи односите со Трамп. „Не знам дали Зеленски може да нè доведе до она што ѝ треба на Украина во односите со САД. Или тие драматично ќе се променат или ќе им треба некој нов“, рече Греам.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, рече дека нешто мора да се промени за да се донесе мир. „Или Зеленски ќе се вразуми и ќе се врати на масата со поголема благодарност или некој друг ќе мора да го стори тоа“, рече Џонсон. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, предупреди дека на Украина ѝ треба лидер способен да разговара и со Америка и со Русија за да се стави крај на војната.
Иако Зеленски сè уште ужива голема поддршка во Украина и прашање е дали некој би можел да го победи доколку се кандидира, се појавија неколку имиња како можни нови претседатели на Украина.
Валери Залужни, поранешен врховен командант на украинската армија и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, е едно од најчесто споменуваните имиња. Залужни ја водеше одбраната на Украина до 2024 година, а беше разрешен по несогласувањата со Зеленски за воената стратегија. Според анкетите, Залужни е попопуларен од Зеленски и во некои сценарија убедливо би го победил на избори.
Како можен кандидат се појавува и Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен боксер. Тој веќе го критикува Зеленски за неговите оптимистички изјави за текот на војната, а го поддржа Залужни за, како што рече, искреноста. Кличко рече дека политичарите, вклучително и Зеленски, ќе мора да се соочат со одговорноста за успесите и за неуспесите на крајот на војната.
Руслан Стефанчук, претседател на украинскиот парламент и близок соработник на Зеленски, е друго име што се споменува. Тој е познат по тоа што силно се спротивстави на повиците на Трамп за избори среде војна велејќи дека на Украина сега ѝ требаат „куршуми, а не гласачки ливчиња“. Тој неодамна ја повика ЕУ да ја зголеми воената помош за Украина и предупреди на заканата што доаѓа од Русија. Стефанчук се чини дека е највоинствениот од овие тројца кандидати.
Без разлика кога ќе се одржат изборите во Украина, тие ќе зависат од повеќе фактори.
Прашање е во која фаза ќе биде воениот конфликт, дали ќе има примирје или траен мир и дали Зеленски ќе се кандидира на тие избори.
Текстот Кои се потенцијалните наследници на Зеленски? е превземен од МАКФАКС.