Генералното собрание на ОН вчера усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
На пленарниот состанок на Генералното собрание на ОН, претставници на 84 земји гласаа за усвојување на Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање и сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година.
Имаше 19 против и 68 воздржани.
Подносители на Резолуцијата беа Германија и Руанда, како и 17 држави коспонзори, меѓу кои беше и Северна Македонија. Претставничката на Германија во ОН, Антје Лендертце, ја презентираше предлог-резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
– Нашата иницијатива треба да им оддаде почит на жртвите и да им даде поддршка на преживеаните. Означувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на Сребреница треба да овозможи годишно одбележување на денот во ОН и да содржи јазик против негирање на геноцидот. Се шират лажни обвинувања за текстот на оваа резолуција, таа не е насочена против никого, особено не против Србија, ценета членка на организацијата, туку исклучиво против извршителите на геноцидот. Во нацрт-резолуцијата беа вклучени два амандмани, Црна Гора побара да нагласи дека одговорноста е индивидуална и не може да се однесува на ниту една етничка група, истакна Лендертце.
Во дебатата пред глсањето претседателот на Србија рече дека е извршен притисок врз многу земји членки неколку дена пред одржувањето на заседанието на Генералното собрание на ОН да гласаат за резолуцијата и дека Србија е против изгласувањето на неа.
Од европските земји, кои не ја поддржаа резолуцијата, односно гласаа против се: Србија, Русија, Белорусија и Унгарија. Воздржано гласаа: Ерменија, Кипар, Грција, Словачка и Казакстан.
Резолуцијата потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид.
Исто така, се потсетува дека во 2025 година се одбележуваат 30 години од геноцидот во Сребреница во кој во 1995 година загинаа најмалку 8.372 животи.
Ја нагласува одговорноста на државите да стават крај на неказнивоста за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права и да ги гонат одговорните за таквите дела со цел да се избегне нивно повторување и да се постигне одржлив мир, правда, вистината и помирувањето.
Во финалниот текст беа вметнати два амандмани, кои нагласуваат дека „кривичната одговорност според меѓународното право за кривичното дело геноцид не може да се примени на ниту една етничка, верска или друга заедница како целина“, како и „цврста посветеност за одржување и зајакнување на единството во разликите во Босна и Херцеговина“.
Како коспонзор на Декларацијата, Северна Македонија гласаше ЗА
Македонија има јасен став за геноцидот во Сребреница, усвоен во Собранието во 2010 година со консензус, кога беше донесена Декларацијата за поддршка на Резолуцијата за Сребреница на Европскиот парламент.
Со донесувањето на декларацијата осуден е геноцидот во босанскиот град од 11. до 23 јули 1995 година, кога од страна на воените сили на босанските Срби беа убиени 8.000 муслимански цивили во Сребреница. Со донесената Декларација, исто така се предвидува и одбележување на 11 јули – Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница со што ќе им се оддаде почит на жртвите од масакрот.
Ваквата Декларација донесена во 2010 година, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од сите пратенички групи, јасно го одредува ставот на Македонија по прашањето за геноцидот во Сребреница, што деновиве повторно е во фокусот, откако министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека Северна Македонија е коспонзор, заедно со Германија, САД и други држави, на Резолуција во Обединетите Нации за прогласување на 11-ти јули како Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница.
За коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, пратеникот Иван Стоиљковиќ, геноцидот во Сребреница е „некрофилски диздиленд“
БиХ ќе испрати протестни ноти до државите кои во ОН гласаа против резолуцијата
Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ изјави дека БиХ ќе испрати протестни ноти до сите држави кои вчера во Генералното собрание на ОН во Њујорк гласаа против резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот
Конаковиќ оцени дека се прават обиди да се минимизира бројот на земјите кои гласаа „за“, но нагласи дека само 19 земји гласаа „против“, додавајќи: „Нам ни беше важно тој резултат да биде позитивен. Односот е 4:1 во корист на оние кои се на страната на вистината“, истакна тој.
– Сметаме дека тие што гласаа против се на страната на извршителите на воени злосторници и дека не ги почитуваат пресудите на меѓународните судови. Тоа е наша човечка обврска, рече Конаковиќ, пренесуваат сараевските медиуми.
– Од нас се очекува да имаме единствен став во БиХ со оние за кои се носи резолуцијата, вели министерот, додавајќи дека гласањето за резолуцијата „не е никаква победа ниту натпревар, туку борба да се позиционира вистината како што заслужува“.
– Многу ни е важно што денеска не слушнавме никој да зборува против фактите освен (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ и дека „важно е што целиот регион, освен Србија, беше на вистинската страна, истакна Конаковиќ.
Тој оцени дека Вучиќ бил „агресивен“ и дека „успеа да ги минимизира и големите светски сили“, што, според него, ќе има последици за кои Вучиќ ќе мора да одговара пред сè на јавноста во Србија.
Конаковиќ ги повика „соседите да ги смират страстите“ и да се „вратат на секојдневните проблеми кои ги имаат нашите земји. Мораме сите заедно да продолжиме по патот кон ЕУ.“
– Знаеме дека бројни земји во регионот беа под притисок, но покажаа храброст. Тоа никогаш нема да го заборавиме, потенцираше шефот на дипломатијата.
Изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за „мирно разидување“ во БиХ, Конаковиќ ја нарече бесмислена и додаде дека „нашите институции ефикасно ќе одговорат на сите кои ќе работат на дестабилизација“.
Реакции во Србија по усвојувањето на Резолуцијта за геноцид во Сребреница
Граѓаните на Србија имаа можност преку јавните ТВ сервиси и порталите директно да ја следат седницата на ГС на ОН на која беше изгласана резолуцијата-Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, а во дебатните емисии по тој повод имаше и првични реакции.
Како што јави дописникот на МИА, провладините медиуми и порталите одат со наслови во кои се релатизивира нејзиното усвојување, па така Политика во насловот „Мнозинството земји-членки на Обединетите нации не ја поддржаа резолуцијата за Сребреница“ пишува дека „резолуцијата за Сребреница беше усвоена со 84 гласа „за“, од вкупно 193 земји членки на Обединетите нации, така што повеќето земји-членки на ОН не ја поддржаа резолуцијата за Сребреница“. Курир оди со текстот за тоа кои се вистинскте пријатели на Србија „Еве кои 18 земји гласаа против срамната резолуција за Сребреница“.
Најголемиот број фотографии во медиумите беа со претседателот Александар Вучиќ кој беше завиткан со срспко знаме додека седеше во салата каде се одржуваше седницта на ГС на ОН, по што Блиц објави фотографија со текст „Вака членовите на Владата на Србија го следеа гласањето на Резолуцијата за Сребреница“ на која се гледаат министрите Синиша Мали, Ивица Дачиќ и други на чело со премиерот Милош Вучевиќ обвиткани со српски знамиња.
-Слогата ќе биде пораз за ѓаволот! Секогаш слободни и никогаш поразени! Поддршка за претседателот Вучиќ во безмилосната борба за нашиот народ и држава! Да живеат Србија и Српска засекогаш!, напиша премиерот Милош Вучевиќ на својот Инстаграм профил.
Медиумите пренесуваат и за протестот пред владата во Подгорица поради гласањето на Црна Гора за резолуцијта за геноцид во Сребреница.
Се пренесуваат и ракциите од Република Српска, па така Танјуг го цитира Претседателот на Република Српска Милорад Додик кој изјави дека, „што се однесува до демократскиот свет и она што тие не учат, резолуцијата за Сребреница денеска не доби мнозинство во Генералното собрание на ОН, туку пропаднала“.
-На гласањето видовме дека за резолуцијата гласаа 84 земји, што не е ниту над половично мнозинство“, нагласи Додик и посочи дека пропаднал нивниот неуспешен план да ги обвинат Србите дека се геноцидна нација.
И додека провладините медиуми имаат текстови во насока дека се работи за „лажна резолуција“, опозициските медиуми даваат податоци дека „никаде не се наведуваат Србите како генициден народ“ и во целина го објавуваат текстот на Резолуцијата.
Според Европската Унија, Сребреница е една од најтемните страници на европската историја
Геноцидот во Сребреница е една од најтемните страници на европската историја и Европа се сеќава на својата одговорност и неуспехот да ги заштити жртвите, во заедничката изјава минатата година нагласија високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Пред 28 години беше напишана една од најтемните страници на европската историја. Ја споделуваме тагата и болката на семејствата и пријателите на жртвите и луѓето кои го преживеаја геноцидот во Сребреница, рекоа двајца европски претставници.
Во Сребреница беа убиени над 8.000 босански муслимани, претежно момчиња и мажи на возраст од 12 до 77 години
Во периодот од 11 до 23 јули 1995 година припадници на Војската на Република Српска, под команда на генерал Ратко Младиќ, убија над 8.000 босански муслимани, претежно момчиња и мажи на возраст од 12 до 77 години.
Поради злосторствата во Сребреница до сега се осудени вкупно 47 луѓе на повеќе од 700 години затвор, а изречени се и четири доживотни казни, меѓу кои и за Младиќ, чија пресуда не е правосилна и за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ.