Поминаа две години од почетокот на неоправданата и неиспровоцираната руска агресија врз пријателска Украина. Две години, оваа агресија не само што предизвикува големо човечко страдање, туку е и флагрантно кршење на меѓународното прав, и е закана за безбедноста и просперитетот на цела Европа, изјави поранешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во видео порака упатена по повод двегодишнината од целосната руска инвазија врз Украина, а во контекст на станите што ги организираат Украинската амбасада во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Две години, Украина не само што се брани себеси и својот народ, Украина ја брани и демократијата, слободата, еднаквоста, човековото достоинство, правото на самоопределување и независност во одлуките.
Сите ние, сме неизмерно благодарни и изразуваме длабока почит за вашата храброст и истрајност. Имаме само осуда за руската агресија врз Украина, и даваме безрезервна поддршка за вашиот отпор против неправдата и злото кои ви се нанесуваат.
Се боревме сите заедно и во Втората светска војна, за истите вредности за кои се борите вие денес. Не верувавме дека ќе треба тоа да го правиме 70 години подоцна, но можеме гордо да застанеме, и да кажеме дека сме повторно заедно на вистинската страна на историјата.
Северна Македонија од првиот ден, стои цврсто покрај Украина, и така и ќе продолжи. Слободата да се избира и одлучува самостојно, и за добробит на своите граѓани е врвен приоритет, и вие, и сега и засекогаш ќе ја имате нашата поддршка за истото.
Секоја земја треба да има шанса да го направи она што го направи Северна Македонија, самостојно да го одбере патот на евроинтеграциите, и на членството во НАТО, и да обезбеди подобра иднина за своите граѓани.
Нашата поддршка ќе трае колку што е потребно, нема да отстапиме ни милиметар од заложбите да помогнеме најмногу што можеме. Вашата кауза е праведна, и заслужува и почит и поддршка.
Мирот мора да се врати во Украина, на агресијата мора да и се види крајот. Веднаш, сега.
Украина и гордиот и храбар украински народ заслужуваат да се слободни. Заслужуваат да имаат демократска земја, која стои рамо до рамо со своите пријатели во Европа. Заслужуваат земја која дели заедничка иднина со Европската Унија, и ги дели вредностите на меѓународните сојузи во кои се определила да членува.
Нашата поддршка на тој пат ќе остане силна и недвосмислена. Украина има пријател во Северна Македонија. Вашата храброст е наш поттик за секојдневно на сите полиња да помагаме оваа неразумна војна да престане и мирот да се врати дома кај вас. Немам дилема дека од ова, вие, драги пријатели Украинци, ќе излезете победници, и дека сите заедно повторно ќе ги славиме демократските вредности на слобода, еднаквост и правда.“
Д. Тахири
Монтажа: Ариан Мехмети