Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави за Би-Би-Си дека Украина можеби ќе мора да отстапи дел од територијата како дел од мировниот договор со Русија, поради зголемениот притисок од претседателот Доналд Трамп да прифати територијални отстапки.
„Едно од сценаријата е да се отстапи територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, рече тој, според Би-Би-Си.
Но, 53-годишниот поранешен шампион во бокс, а сега политичар, нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да прифати окупација“ од страна на Русија.
Кличко сега е еден од највисоките украински политичари кој јавно наговести дека неговата земја можеби ќе мора привремено да отстапи дел од територијата.
Градоначалникот на Киев и претседателот Володимир Зеленски се политички ривали. Кличко постојано ги обвинуваше претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.
Во разговор за емисијата „Тудеј“ на BBC Radio 4 од својата канцеларија во центарот на Киев, Кличко нагласи дека е „одговорен за главниот град на Украина“, опишувајќи го како „срце“ на земјата разурната од војна. Тој рече дека претседателот Володимир Зеленски можеби ќе биде принуден да донесе „болна одлука“ за да постигне мир.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за деталите за евентуален договор, Кличко кратко одговори: „Не“. „Претседателот Зеленски го прави ова самиот. Тоа не е моја функција“, додаде тој.
Осврнувајќи се на јавната расправија меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа во февруари, градоначалникот посочи дека клучните прашања меѓу врвните политичари би било подобро да се дискутираат „без видеокамери“.
Претходно оваа недела, Трамп го обвини Зеленски дека им штети на мировните преговори откако украинскиот лидер повторно го отфрли признавањето на руската контрола врз Крим, јужниот украински полуостров што Москва нелегално го анектираше во 2014 година.
Трамп рече дека Крим бил „изгубен пред многу години“ и дека во моментов „не е ни тема на дискусија“.
Сепак, Зеленски се потсети на „Декларацијата за Крим“ од 2018 година, издадена од тогашниот државен секретар Мајк Помпео, во која се наведува дека САД „го отфрлаат обидот за анексија од страна на Русија“. Украина и нејзините европски сојузници изразија загриженост во последните недели за она што многумина на континентот го сметаат за зближување на Трамп со Владимир Путин и Русија.
Текстот Кличко: Можеби треба да им дадеме дел од земјата на Русите, не е фер, но е за мир е превземен од МАКФАКС.