Клиниката за детски болести обезбедила околу 2,9 милиони евра (180.350.000 милиони денари), износ кој е доволен за набавка на терапија за само 15 пациенти со цистична фиброза додека, согласно приложената документација, во земјава се регистрирани меѓу 130 и 140 пациенти, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиското работење на установата за 2022 година.
Како дел од здравствените услуги кои ги нуди Клиниката е и обезбедување хормон за раст, за што во текот на 2022 година реализирани се расходи во износ од 67 милиони денари. Со извршен увид во техничките спецификации утврдено е дека предметот на набавката е поделен во пет делови за набавка на хормон за раст со исто генеричко име и ист АТЦ код, односно во секој дел се набавува истиот лек, а разликата меѓу деловите се однесува само на количината на активна супстанца – лек во количина на раствор, односно различна фармацевтска дозажна форма на лекот во која се врши комерцијалната продажба.
За секој дел поднесена е една понуда, која е избрана за најповолна, поради што набавен е хормон за раст со исто генеричко име, но од 4 различни производители/ трговски марки чии единечни вредности се разликуваат, од кои едни се поскапи бидејќи се оригинатори, а поевтините лекови се био-слични, чија цена во однос на оригинаторите е пониска за 58%.
Согласно даденото образложение од страна на одговорните лица на Клиниката и медицинскиот персонал дека хормонската терапија има ист медицински ефект без разлика на производителот на хормон кој се аплицира, и не е медицински препорачливо да се менува производителот на лекот во текот на лекувањето, ревизијата е на мислење дека е потребно Клиниката во соработка со Министерството да го евалуира начинот на кој се приклучуваат пациентите на терапија и на кој се изготвуваат техничките спецификации, со цел да се обезбеди постигнување на пониски цени во постапката за јавна набавка.
Со извршената ревизија исто така е утврдена и несоодветна примена и недоследно почитување на Законот за јавните набавки во дел од постапките што влијае на конкуренцијата и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, се вели во извештајот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.