Американските сили нема да војуваат во Украина во случај на руска инвазија на оваа земја, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, за телевизијата Ем-ес-ен-би-си.
„Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека американските војници нема да војуваат во Украина“, нагласи тој.
Според Кирби, употребата на американските сили дури и за евакуација на американските граѓани од земјата би го зголемила ризикот од погрешна проценка и би ја зголемила можноста за конфликт меѓу руските и американските сили, што, според портпаролот на Пентагон, ситуацијата ќе ја доведе до ново ниво.
Тој посочи дека конфликтот околу Украина сè уште може да се спречи, но времето истекува.
Американската администрација не ја разгледува можноста за воведување превентивни санкции против Русија.
Во меѓувреме, ново американско оружје пристигна во Украина.
„Утринава два авиони со американска помош за брза реакција пристигнаа во Киев со цел да се зајакне одбраната на Украина. Тоа е дел од помошта вредна 200 милиони долари во муниција“, објави на Твитер американската амбасада во Киев.
Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников на Фејсбук напиша дека од САД досега се испорачани 1 300 тони воен товар.