Германската индустрија ја губи трката од кинеската конкуренција, а високите трошоци за енергија се нејзина најголема пречка, предупредуваат економистите и експертите од индустријата.
Германскиот извоз се намали за 1,7 проценти минатата година, според статистиката, на околу 1,65 билиони евра.
Вредноста на кинескиот извоз во странство се зголеми за 7,1 процент минатата година, на 25,4 билиони јуани (3,04 билиони евра).
Кинеските компании водат жестоки ценовни војни на својот домашен пазар, а нивниот вишок капацитет претставува значителна закана за германската индустрија, предупредуваат економистите и експертите.
„Кинеските конкуренти го намалуваат јазот и се сè поактивни во сегментите на производи и индустриските сектори во кои германската индустрија традиционално била многу силна“, вели Филип Боинг, економист и професор по емпириско истражување на иновациите на Гете Универзитетот во Франкфурт.
Во области како што се дигитализацијата и генеративната вештачка интелигенција, кинеските компании „во некои случаи веќе ги надминаа технолошките можности на германските конкуренти“, додаде Боинг.
Германското индустриско производство е во опаѓање веќе десет години, предупредува Јенс Бурхарт, експерт за индустријата и партнер во меѓународната консултантска куќа BCG.
Според Бурхарт, енергетски интензивните сектори, како што е производството на основни хемикалии, се изложени на најголем ризик.
Високите трошоци за енергија, исто така, го загрозуваат автомобилскиот сектор и се главната причина за слабеењето на конкурентноста на германските компании, нагласува тој.
„Германските производители (на автомобили) ќе ја задржат својата сегашна позиција ако изградат позиција во сегментот на електрични погонски системи што може да се совпадне со нивната традиционална позиција во сегментот на мотори со внатрешно согорување“, рече тој.
Покрај хемискиот и автомобилскиот сектор, сè пожестоката кинеска конкуренција, исто така, „дише во вратот“ на германските компании во сектори како што се машинството и електроиндустријата, верува BCG.
Текстот Кинеските компании ја претекнуваат германската индустрија во традиционално силните сектори е превземен од МАКФАКС.