По посетата на Виетнам, кинескиот претседател Кси Џинпинг пристигна во Куала Лумпур, каде што беше пречекан со целосни државни почести и покрај екстремно топлиот ден. Официјални лица и дипломати веќе пристигнуваат во Истана Негара, националната палата на Малезија, каде Кси ќе присуствува на државна вечера, а потоа ќе разговара со премиерот Анвар Ибрахим.
Посетата е дел од пошироката дипломатска офанзива со која Пекинг сака да демонстрира силни врски со Југоисточна Азија и да ги убеди партнерите дека кинеските инвестиции, особено во инфраструктурата и производството, нема да запрат.
Како што наведува Би-Би-Си во анализата на посетата, пораката на кинескиот лидер е јасна: „Не заборавајте кој е вашиот најголем инвеститор“. Кси потсетува дека Соединетите Американски Држави, а не Кина, воведуваат царини на стоки, што им сигнализира не само на соседите, туку и на Доналд Трамп дека Кина има и други трговски партнери.
Американските медиуми јавуваат дека Белата куќа планира да ги искористи претстојните преговори со помалите земји за да изврши притисок врз нив да ја ограничат соработката со Кина. Но, министерот за трговија на Малезија вчера за Би-Би-Си изјави дека неговата земја не може и нема да избира меѓу САД и Кина кога станува збор за економските односи.
Текстот Кинескиот претседател е во Малезија, тоа е порака до Трамп: „Имаме други опции“ е превземен од МАКФАКС.