Пекинг ја разгледува понудата на Вашингтон за разговори за царините од 145 проценти што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за трговија, предупредувајќи ги САД дека мора да покажат дека нивните намери се „искрени“.

Министерството за трговија во Пекинг објави дека САД се обратиле до Кина за да побараат разговори за царините на Трамп и дека вратата на Пекинг е отворена за дискусии, објави Ројтерс.

„САД неодамна презедоа иницијатива во неколку наврати да достават информации до Кина преку релевантните страни, велејќи дека се надеваат на разговори со Кина. Обидот да се искористат разговорите како изговор за принуда и изнуда би пропаднал“, се истакнува во соопштението.

Кинеското министерство додаде дека САД треба да ги исправат „погрешните“ постапки и да го откажат воведувањето на еднострани царини, како и дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.

Кина состави список на американски производи што би ги исклучила од одмаздничките царини од 125 проценти, вклучувајќи одредени фармацевтски производи, микрочипови и млазни мотори.

Во исто време, американските претставници, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесант и економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет, исто така изјавија дека се надеваат на напредок во ублажувањето на трговските тензии.

„Уверен сум дека Кинезите ќе сакаат да постигнат договор. И како што реков, ова ќе биде процес во повеќе чекори. Прво, мора да ја деескалираме ситуацијата, а потоа, ќе почнеме да се фокусираме на поголем трговски договор“, рече Бесент во интервју за „Фокс бизнис нетворк“.

Во средаta, Трамп изјави дека верува оти постои „многу добра шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина, неколку часа откако кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за да се прилагодат на промените во меѓународната средина, без да ги спомене САД.

Текстот Кина ја разгледува понудата на САД за разговори за царините: „Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите“ е превземен од МАКФАКС.