Кина денес изјави дека се надева на договор за Украина „прифатлив за сите страни“, пред состанокот во Белата куќа меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери.
Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега би можел речиси веднаш да ја заврши војната со Русија, исклучувајќи ја можноста Киев да ја врати контролата врз полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и да се приклучи кон НАТО. Украинскиот претседател прво ќе одржи приватни разговори со Трамп, почнувајќи во 19 часот по средноевропско време, а потоа ќе им се придружат и европските лидери.
„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе учествуваат во мировните преговори навремено и што е можно поскоро ќе постигнат праведен, траен, обврзувачки и сеприфатлив мировен договор“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција.
Заедно со Зеленски, во Белата куќа се очекуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Самитот одржан пред три дена во Алјаска меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега Владимир Путин не доведе до прекин на огнот.
Кога беше прашана за средбата меѓу Трамп и Путин, портпаролката Мао Нинг денес потврди дека Кина ги поддржува сите напори насочени кон мирно решавање на кризата. „Кина е задоволна што Русија и САД одржуваат контакт, ги подобруваат своите односи и промовираат политичко решение за украинската криза“, нагласи таа.
Текстот Кина: Се надеваме на договор за Украина што е прифатлив за сите страни е превземен од МАКФАКС.