Кина денеска се закани дека ќе воведе смртна казна за најекстремните сепаратисти кои заговараат независност на Тајван.
Според светските агенции, оваа закана е објавена иако кинеските судови немаат јурисдикција над островот.
Пекинг соопшти дека претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, кој ја презеде функцијата минатиот месец, е „сепаратист“, а веднаш по неговата инаугурација, кинеските власти извршија воени вежби.
Според новите упатства, кинеските судови, обвинителства и безбедносните институции треба „жестоко да ги казнат тајванските сепаратисти за поттикнување отцепување, како и одлучно да го бранат националниот суверенитет, единство и територијален интегритет“, објави кинеската државна новинска агенција.
Советот за национални прашања на Тајван денеска го осуди потегот на Пекинг и го повика населението да не се плаши од заканите на Кина.
„Кинеските власти немаат апсолутно никаква јурисдикција над Тајван, а таканаречените закони и норми на кинеските комунисти немаат обврзувачка сила за нашите граѓани“, се вели во соопштението на Советот.