Кина ја укина царината од 125 проценти за увоз на етан од Соединетите Американски Држави, која беше воведена претходно овој месец, дознава Ројтерс од два извори запознаени со ситуацијата.

Оваа одлука ќе го намали притисокот врз кинеските компании кои увезуваат американски етан за потребите на петрохемиската индустрија и ќе овозможи понатамошен пласман на овој природен гас, според Ројтерс.

Меѓу кинеските увозници на етан се „Сателит Кемикал“, „СП Кемикалс“, „Синопек“, „Санџијанг Фајн Кемикал“ и „Ванхуа Кемикал Груп“, додека клучните американски извозници се „Ентерпрајз Продактс Партнерс“ и „Енерџи Трансфер“.

Според американската Администрација за енергетски информации (EIA), Кина купува речиси половина од целиот извоз на етан од САД.

Кина претходно овој месец ги зголеми царините за увоз на американски производи, вклучувајќи го и етанот, на 125 проценти како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни царини за кинески стоки.

Изворите велат дека царинската давачка за етан е укината во последните неколку дена.