Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на тестирањето на борбени беспилотни летала и охрабри истражување за употреба на вештачка интелигенција за воени цели, објави денес државната новинска агенција КЦНА.

Експертите проценуваат дека таквиот развој на севернокорејскиот арсенал несомнено е поврзан со воената соработка со Русија, обележана со испраќање севернокорејски војници да се борат заедно со руските сили во војната против Украина.

„Тој тест јасно ја покажа извонредната борбена ефикасност на тактичките борбени беспилотни летала на Пјонгјанг“, додаде агенцијата. За Ким Џонг-ун, овие авиони претставуваат висок приоритет и најважна задача во модернизацијата на севернокорејската армија.

Севернокорејскиот лидер, исто така, повика на брз развој на неодамна воведената технологија за вештачка интелигенција и проширување и зајакнување на капацитетот за масовно производство на беспилотни летала, додаде КЦНА. Државните медиуми го објавија развојот на борбени беспилотни летала минатата година.

Фото: принтскрин

Текстот Ким Џонг-ун на тестирање на борбени беспилотни летала- повикува на развој на вештачка интелигенција е превземен од МАКФАКС.