Кардинал Паролин: Русија е агресор, војната во Украина не е резултат на природна катастрофа

Првиот услов за какви било разговори за ставање крај на војната во Украина е Русија да ја прекине својата агресија, изјави денеска државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин.

Украинското Министерство за надворешни работи вчера го повика папскиот нунциј за да го изрази своето „разочарување“ поради изјавите на папата Франциск дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да почне преговори со Русија за ставање крај на двегодишната војна.

Кардиналот Паролин за весникот „Кориере дела сера“ изјави дека Ватикан е за прекин на огнот и оти „агресорот е тој што треба да престане прв да пука“.

За да се постигне тоа, „очигледно е“ дека двете страни мора да седнат на преговарачка маса и дека првиот услов е „престанок на агресијата“, рече Паролин.

Јасно наведувајќи дека ја смета Русија за агресор, Паролин додаде дека „војната против Украина не е резултат на природна катастрофа“, туку човечки избор.