За ребрестиот чипс со вкус на пиперка од 150 грама од Чачанскиот производител Chips way, при извозот во Хрватска, било откриено дека содржи недозволено количество акриламид, дознава белградска Н1 од Државниот инспекторат на Хрватска, јави дописникот на МИА од Белград.
-Станува збор за производителот Chips way d.o.o. од Чачак и производот ‘CHIPS bits&bytes rebrasta paprika’ во пакување од 150 грама, се наведува во одговорот за Н1 на Државниот инспекторат на Хрватска.
Чипсот што беше извезен од Србија во Хрватска, каде што беше уништен поради недозволено количество акриламид, беше со рок на траење до 25 декември 2023 година.
Бар кодот на овој производ е 3 856025 853261, серија L28062023 (L280623 A09:31).
Високи нивоа на акриламид се откриени во чипс со вкусот на пиперка, произведени во Србија, откако проблемот го пријави Хрватска, соопштија на веб-страницата на Европскиот систем за брзо предупредување.
Производот не влегол на хрватскиот пазар и е безбедно уништен, јавува Н1 од Загреб.
Според соопштението на веб-страницата на Министерството за земјоделство на Србија, по добиеното известување на RASFF за покачено ниво на акриламид во чипсот од прехранбениот производ со вкус на пиперка произведен во Србија, земјоделската инспекција издала наредба за вонреден преглед на фабриката за производство на спорниот производ.
– Контролата е во тек и по добивањето на резултатите од анализите ќе објавиме подетални информации и мерки што ќе ги преземе земјоделската инспекција, соопштија од ресорното министерство.
Акриламидот не може да се најде во свежата храна и главно се формира при преработка на храна на температури над 120 степени, како и при ниска влажност, што значи печење, пржење и други форми на подготовка.
Најчесто се наоѓа во лебот, помфрит, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери и кафе.
Ова соединение беше подетално истражено и пронајдено во одредени видови храна во 2002 година во Шведска.
Оттогаш јавноста е предупредена за нејзините последици, а особено загрижува поврзаноста со некои форми на рак. Акриламидот се претвора во телото во глицидамид, кој предизвикува мутации и ја оштетува ДНК.
Како што соопшти хрватската агенција за храна, се проценува дека присуството на акриламид во храната може да го зголеми ризикот од развој на рак кај сите возрасни групи.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.