Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска изјави дека Канада воведува царина од 100 отсто на увоз на електрични возила произведени во Кина, како и 25 проценти царина за увоз на кинески челик и алуминиум.
– Актерите како Кина избраа да си дадат неправедна предност на глобалниот пазар, истакна премиерот на Канада, Џастин Трудо.
Владата на Трудо почна 30-дневни консултации за ова прашање летово за да се спротивстави, според вицепремиерката Кристи Фриланд, „на јасниот напор на кинеските компании да го преплават глобалниот пазар со понуда“.
Одлуката на Канада уследи неколку недели откако и САД и Европската комисија објавија зголемени царини за увоз на кинески електрични возила.
Од електричните возила од кинеско производство, единствени кои моментално се увезуваат во Канада се оние од „Тесла“, кои се произведуваат во фабрика на компанијата „Тесла“ во Шангај.
Во моментов во Канада не се продаваат или увезуваат електрични возила од кинеска марка. /МИА