Во Приштина се одржа митинг за поддршка на Листата „Албанската политичка битка продолжува- Шаип Камбери“, со цел да се мобилизираат Албанците од Прешевската долина за парламентарните избори на 17 декември во Србија. Носителот на листата Шаип Камбери рече дека ова е првпат Албанците од Прешевската долина да учествуваат на изборите во Србија.
Тој додаде дека Албанците од Прешевската долина нема да запрат во својата политичка битка додека не се третираат како рамноправни бидејќи им се ускратени основните права. Во оваа насока тој побара и продлабочување на институционалните односи на Прешевската долина со Косово. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека коалицијата предводена од Шаип Камбери се бори за правата на Албанците во Прешевската долина и како таква треба да добие поддршка и на изборите во недела.
„И преку следните избори со нашата политичка определба ќе се бориме и ќе го правиме она што го вели нашиот слоган, да продолжиме со нашата политичка битка за права, за еднаквост и за слобода, бидејќи не бараме ништо повеќе од тоа што го бараат другите за себе. Она што е добро за другите ќе биде добро и за нас, без разлика колку Белград негира. Нашата политичка битка во недела на 17 декември не е само дали ќе добиеме мандат, не само дали ќе имаме пратеник, туку и каков политички концепт ќе има во Прешевската Долина во однос на соработката со Република Косово, затоа е важно вашето учество…, рече Камбери.
„Пет партии се обединија, со што ги собраа сите албански гласачи во Долината, за да ја направат коалицијата со број 13, коалицијата со носителот на листата, Шаип Камбери, победник на изборите на 17 декември. Оваа коалиција со личности со висок морален и патриотски интегритет, луѓе кои се истакнуваат по своите политички активности и за слобода на Албанците во долината, ја имаат сета поддршка што е потребна за да се спротивстават на авторитарниот и антиалбански режим на Вучиќ во Србија,за одбрана и унапредување на правата и слободите на нашата албанска заедница таму“, рече Албин Курти, премиер на Косово.